Германската влада оваа година смета на помалку од 200.000 бегалци, што претставува значително намалување во однос на изминатите две години, објави министерот за внатрешни работи Тома де Мезиер во разговорот за дневниот весник Bild am Sonntag.
„Кон крајот на ноември регистриравме 173.000 бегалци во оваа година, така што веруваме дека до крајот на годината оваа бројка нема да ја надмине вредноста од 200.000 лица“, вели де Мезиер.
Во текот на минатата 2016 година во Германија пристигнале 280.000 бегалци, а претходната 2015 година во бегалскиот бран речиси 900.000 лица кои бегале од кризните жаришта во светот, во прв ред од Блискиот исток и северна Африка.
Министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер, кој доаѓа од Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел, најавува во разговорот и воспоставување собирни центри во кои новодојдените бегалци би биле сместени до одлуката за нивниот статус на престој во Германија.
„Само позитивно решените случаи потоа би биле распоредени по градовите, додека одбиените случаи би биле веднаш депортирани што е многу полесно да се оствари доколку лицата престојуваат во вакви центри“, вели де Мезиер.
Во разговорот за Bild am Sonntag, де Мезиер ја брани и новата мерка за финансиско поттикнување, со којашто германските власти сакаат да ги стимулираат бегалците без реална шанса за стекнување на траен престој во Германија што поскоро да се вратат во своите татковини.
„Во споредба со трошоците за социјалната помош којашто овие лица ја примаат во Германија,, финансиското поттикнување за оние коишто сакат да се вратат е мерка во полза на германските даночни обврзници“, вели де Мезиер.
Истовремено, министерот за внатрешни работи признава дека ваквата мерка ја побарале само двесте лица, главно од Русија, Авганистан и Ирак.
Еднократната парична помош од 1.000 евра за поединци и 3.000 евра за семејство, според мислењето на стручњаците во Германија, е недоволна лицата, коишто често преку криумчарите на коишто им платиле повеќекратно поголема сума да ги префрлат во Евроап, да бидат поттикнати да се вратат во татковините.
Сојузната влада секогаш одново засилените депортации на лица кои немаат статус за престој во Германија ги истакнува како приоритет на внатрешната политика. Меѓутоа, статистиката покажува пад на бројот на депортирањата во споредба со минатата година.