Помина на Влада Законот за учебници усогласен со препораките на ЕК

Владата денеска на седница го утврди текстот на предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, во кој се опфатени и стратешките документи и препораки на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата.

Владата соопшти дека при изготвување на новото законско решение се  земени предвид документи на ЕК кои во фокус го имаат развојот на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, дигиталните вештини на наставниците и трансформација на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците, со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.

– Во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи чија цел е да  го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето „зелена“ и дигитална Европа. Првата иницијатива е заживување Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот. Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа – информира Владата.

Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време.

– Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики. Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време. Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини,  да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците – се наведува во соопштението.

Владата нагласува и дека предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование доаѓа од потребата од воведување целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали, како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците.