Поморската коалиција почна со контроли во Заливот

Поморската коалиција предводена од САД денеска и официјално во Бахреин почна со дејствување со цел заштита на поморскиот сообраќај во водите на Заливот, каде во последните месеци се случија напади врз танкери, јави Хина.

Официјален Вашингтон побара формирање меѓународна поморска коалиција (ИМСЦ) со своите регионални партнери, меѓу кои и Саудиска Арабија, по серијата напади во Заливот. САД го обвинува Иран за нападите врз танкерите, а Техеран негира.

– Операцијата „Сентинел“, кој има за цел заштита на Заливот и Оманското Море, претставува одбранбена мерка која не загрозува никого, изјави вицеадмирал Џим Малоу, командат на американските поморски сили на Блискиот Исток. Тој потенцираше дека операцијата нема офанзивен карактер, освен обврска за взаемна одбрана во случај на напад.

Бахреин, седиште на американската Петта флота, задолжена за Блискиот Исток, беше првата земја која во август се приклучи кон меѓународната коалиција, а во септември се приклучија и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Велика Британија и Австралија се главните западни земји кои се согласија да испратат свои воени бродови да ги придружуваат трговските бродови во Заливот, а на 1 ноември се приклучи и Албанија.

Повеќето европски земји одбија да учествуваат затоа што не сакаат да го поткопаат меѓународниот нуклеарен договор со Иран склучен во 2015 година, од кој САД се повлече лани. Иран во последните месеци заплени повеќе странски бродови.