Помошникот на Ким Џонг Ун му однесе писмо на Трамп во Белата куќа

Помошник на Ким Џонг Ун му донесе на Доналд Трамп во Белата куќа писмо од водачот на Северна Кореја, пред планираниот самит меѓу двајцата лидери во Сингапур подоцна овој месец.

Ким Јонг Чол, поранешен шеф на шпионските служби и генерал со четири ѕвездички, стана првиот висок функционер од Северна Кореја што ја посетил Белата куќа последниве 18 години.

Тој беше пречекан пред Западното крило од шефот на кабинетот на Белата куќа, Џон Кели, и шефот на одделот за Кореја на ЦИА, Ендрју Ким, кои го внесоа 72-годишниот ветеран во Овалната канцеларија за да се состане со Трамп и лично да го предаде писмото.

Ким беше сензационално пречекан на јужниот тревник пред голем број камери и беше придружуван до Овалната канцеларија, каде што со Трамп чекаше државниот секретар Мајк Помпео.

Писмото од Ким ќе биде прегледано од безбедносните службеници пред да биде доставено до Трамп, велат официјалните претставници на Белата куќа. Ако „помине“ кај службениците за национална безбедност, се очекува генералот Ким да му го предаде на Трамп.

Содржината на писмото не е позната, иако Вол стрит џурнал објави дека во него пишувало едноставно дека Ким е заинтересиран да се одржи самитот во Сингапур и дека не ги менува преговарачките позиции на Северна Кореја.

Лидерот на Северна Кореја го изложи својот став за време на посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во четвртокот. Како што пренесе државната новинска агенција КЦНА, Ким изјави дека „денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров ќе се решава фаза по фаза“, во кои секоја страна ќе се осврне на интересите на другиот.

Единствениот друг висок официјален претставник на Северна Кореја што некогаш ја посетил Белата куќа беше вицемаршалот Џо Мионг Рок, кој му достави писмо на Бил Клинтон од таткото на Ким Џонг Ун, Ким Јонг Ил. Мировните напори пропаднаа откако неколку недели подоцна за претседател беше избран Џорџ В. Буш, кој ги прекина контактите со Пјонгјанг.