Помпео рече дека на Хонг Конг повеќе не му е загарантирано да се третира според американските закони на ист начин како што тие закони се применувале пред јули 1997 година.
Неговата изјава не беше придружена со повлекување на некоја конкретна привилегија, но е дадена во време на бројни повици за САД и другите земји да реагираат против потезите на Пекинг за воведување на кинески закон за национална безбедност во таа полуавтономна територија.
„Катастрофалната одлука на Пекинг е само последна во низата акции што во основа ја поткопуваат автономијата и слободите на Хонг Конг и ветувањата на самата Кина до народот на Хонг Конг во согласност со британско-кинеската заедничка декларација, меѓународниот договор заведен во ОН“, рече Помпео.
Тој рече дека ниту една разумна личност денес не може да тврди дека Хонг Конг има високо ниво на автономија од Кина, со оглед на фактите на терен.