Помпео ѝ порача на Кина дека ја чека судбината на СССР ако ги отфрли прoзападните политики

Судбината на Советскиот сојуз ја очекува и Кина доколку оваа земја не се откаже од својот авторитарен режим во полза на западните политики, предупреди во четвртокот американскиот државен секретар Мајк Помпео во текот на гостивањето во авторската емисија на Стив Грубер.

Шефот американската дипломатија, исто така, потврдно одговори на прашањето дали смета дека Кина е најопасниот противник на САД и на Западот воопшто.

Помпео, исто така, се согласи со констатацијата дека Кина се натпреварува со Запад на технолошкиот, воениот, трговскиот и финансискиот сектор. „Верувам дека сега целиот свет гледа дека овој авторитарен режим е сосема поразличен од нас“, рече американскиот државен секретар.

„Во крајна линија, Комунистичката партија на Кина ќе мора да одлучи дали навистина сака да стане дел од цивилизираната заедница на нациите, кои соработуваат за подоброто на народите ширум светот, или ќе го прави она што го прават сега. Сите ја знаеме историјата на Советскиот сојуз. Дали тие (Кинезите) сакаат да се однесуваат на начин кој е соодветен на авторитарните режими? Доколку го сакаат тоа, тогаш претседателот Трамп ќе постапи правилно осигурувајќи ја безбедноста на американскиот народ“, додаде Помпео.

„Ќе ја направиме вистинската работа, градејќи ги нашите вооружени сили, ќе ја направиме вистинската работа и на дипломатски план“, уверува државниот секретар на САД.

Истовремено Помпео се заложи за продолжување на обидите на Вашингтон да „воспостави трговски односи“ со Пекинг.