Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во четвртокот дека ќе бидат потребни уште најмалку неколку седмици пред САД да соберат доволно докази за наметнување санкции како одговор на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.
Мајк Помпео во интервјуто за радиото KMOX од Сент Луис рече дека претседателот Доналд Трамп јасно рекол дека Вашингтон ќе одговори на убиството. Според него, американската администрација „разгледува воведување санкции против поединци кои досега успеала да ги идентификува … кои се вмешани во ова убиство“.
„Веројатно ќе ни бидат потребни уште неколку седмици пред да имаме доволно докази за вистински да воведеме санкции, но мислам дека ќе успееме. Ќе ги утврдиме фактите… Претседателот рече дека ќе бараме одговорност за оние кои се вмешани во сторувањето на ова гадно злосторство“, рече Помпео.
Истакнувајќи дека САД не го оправдуваат убиството на Кашоги, шефот на американската дипломатија рече дека Вашингтон има „длабоки и долгорочни стратешки односи“ со Саудиска Арабија и „имаме намера да осигуриме тие односни да останат недопрени“.
Поранешниот саудиски министер за разузнавачки прашања принцот Турки бин Фејсал ал-Сауди изјави во средата дека галамата во САД во кој се демонизира Саудиска Арабија поради убиството на Кашоги се заканува со нарушување на стратешките односи меѓу двете земји.
Кашоги, кој живееше во САД од 2017 година и пишуваше колумни за The Washington Post, влегол во саудискиот конзулат во Истанбул на 2-ри октомври за да земе документи потребни за венчавка со турска државјанка, но таму му се губи секоја трага. Ријад, кој во почетокот тврдеше дека новинарот ја напуштил дипломатската мисија, дури на 20-ти октомври призна дека тој е убиен и дека идентификувал 18 осомничени лица, но телото на Кашоги уште не е најдено.
Саудиска Арабија сака да им суди во монархијата, но Турција е упорна да и’ бидат испорачани за да им се суди во Истанбул. Анкара во четвртокот повторно го повика Ријада да каже каде се наоѓа телото на Кашоги за кое тврди дека е распарчено, откако бил задавен во конзулатот.