Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, сепак нема да биде амбасадор на добрата волја на Свеската здравствена организација (СЗО – WHO), објави ова тело во неделата по серијата критики од целиот свет.
Претходно во саботата СЗО се повика на напорите вложени во Зимбабве против пушењето и против незаразните болести, за да го оправда именувањето на тамошниот претседател Роберт Мугабе за амбасадор на добрата волја.
Челникот на СЗО, Етиопјанецот Тедрос Адханом Гебрејсесус претходно ги пофали Зимбабве поради доследноста во развојот на јавното здравје. Меѓутоа, критичарите на Мугабе тврдат дека здравствениот систем на оваа африканска земја колабирал во текот на неговите 30 години владеење, истакнувајќи дека персоналот често не добива плата и оти недостигаат лекови.
Генрејесус во неделата објави дека ги послушал советите од оние коишто го изразија своето несогласување со претходната одлука.
„Последните неколку дена се осврнав на моето именување на претседателот Роберт Мугабе како амбасадор на добрата волја за незаразни болести во Африка. Резултат од тоа е дека донесов одлука да го поништам“, напиша челникот на СЗО во соопштението објавено на Twitter.
Именувањето на Мугабе предизвика гнев кај многумина кои потсетуваат дека здравствениот систем на Зимбабве, како и на многу други јавни услуги, се урнал во текот на авторитарното владеење на претседателот.
Велика Британија, чиишто поранешни колонии се многу африкански земји, во саботата се придружи на критиките на одлуката на СЗО нарекувајќи ја „изненадувачка и разочарувачка“, особено во контекстот на санкциите коишто САД и Европската унија ги воведоа за Мугабе.
Активистот и адвокат за човекови права од Зимбабве, Доуг Колтар, по овој повод напиша на социјалните мрежи дека амбасадор на добрата волја на СЗО станала „личност којашто патува со авион во Сингапур на лекување бидејќи го уништи медицинскиот систем на Зимбабве“.