Изборот на производителот на новиот систем за контрола на летање што треба да го добие М-НАВ, не наиде на позитивна оцена во извештајот за евалуација на понудите, направен од вработените во контрола на летање. Се бара преиспитување на понудата и распишување на нов тендер.
Според информациите што ги има „Нетпрес“, од две две фирми кои останале во последната фаза од постапката за набавка на овој систем, договорот треба да се потпише со италијанска фирма „Леонардо“, иако на тендерот таа има понудено речиси 1 милион евра поскапа цена од втората компанија, „Индра“, од Шпанија. Неофицијално, „Леонардо“ договорот за набавка со М-НАВ АД, треба да го потпише овој месец.
Во извештајот за евалуација, за понудата на „Индра“ се наведени повеќе негативни оцени, меѓу кои и дека понудувачот „не демонстрира дека бараните функционалности ќе бидат овозможени“.
Записникот е потпишан од најверојатно единствениот присутен претставник на М-НАВ, претседателот на УО Живко Поповски и не е потпишан од ниту еден член на проект-тимот на М-НАВ, ниту пак од тимот на „Индра“. Двата понудувачи даваат цени за постројки, опрема и делови во износ од 4.403.181 евра (Индра) и 4.280.000 (Леонардо). Разликата е само 123.181 евро, што е незначајно за ваков систем, но огромна е разликата во ставката „инсталации и други услуги“ (за градежни работи, изграда на нова зграда во која ќе се смести системот, поточно техничката сала, од која ќе работи контролата за летање). „Индра“ дава понуда од 1.423.654 евра, а „Леонардо“ 2.000.000 евра. Исто така, за други услуги, како инсталација на системот, фабрички тест, обуки, „Индра“ дава понуда од 987.744 евра, а „Леонардо“ 1.370.000 евра. Вкупно за ставката „инсталација и други услуги“ „Индра“ дава понуда 2.411.398 евра, а „Леонардо“ 3.370.000 евра, стои во записникот.
Спорна е и цената на метар квадратен на земјиштето во општина Петровец, за изградба на техничко оперативната сала во кој треба да биде поставен системот. Според овие понуди, квадратен метар ќе биде од 1.400 до 2 илјади евра, што е премногу, земајќи предвид дека станува збор само за објект, бидејќи се’ друго се плаќа од останатите ставки на понудата. Реалната цена за градба, според извештајот е од 250 до 400 евра за еден квадратен метар.
Разликата во понудата за целиот проект меѓу „Индра“ и „Леонардо“ е 773 илјади евра. Во извештајот се потенцира дека системот на „Леонардо“ постои опасност да покаже некомпатибилности и проблеми во функционирањето, а нивното понатамошно отстранување може скапо да ја чини државата.
Дополнително, ваквиот систем составен од компоненти од различни производители е многу поскап за надградување и усовршување. Од друга страна компанијата „Индра“ веќе има инсталирано радар во Охрид и не наведува подизведувачи, што значи дека системот го доставува од сопствени ресурси. Радарот во Охрид е докажан и постои опција за негово надградување и интегрирање во новиот систем кој би го обезбедила „Индра“, стои во извештајот.
Интересно е и дека до раководството на М-НАВ се сугерира да се разгледа опцијата за разгледување и на други производители на системи за контрола на летање, кои многу повисоко се рангирани од овие два понудувача. Се предлага повторување на тендерската постапка за да се охрабрат да аплицираат и реномирани производители на ваква опрема, но и заради ревидирање на техничката спецификација.