Пописот на населението во Русија одложен од април за септември

Руската влада донесе одлука за одложување на пописот на населението во Руската Федерација од април за септември 2021 година, до кога се очекува стабилизирање на епидемиолошката состојба во земјата, објави во петокот статистичкото биро Росстат.

Првично, ткн серуски попис на населението требаше да се одржи во октомври 2020 година, но во јуни минатата година, со уредба на владата тој беше одложен за април 2021-та, а сега се одложува за уште пет месеци. Сега е одлучено дека пописот повторно треба да се помести за извесен период, а конкретниот датум на почетокот допрва треба да биде утврден со владин указ.

„Главната причина за новиот датум на пописот е тоа што епидемиолошката состојба не е целосно јасна. Гледаме подобрување, кај сите показатели, паѓаат и стапките на морбидитетот и на морталитетот, тие полека се движат кон нормално ниво, но сепак не знаеме како натаму ќе се развива ситуацијата и неопходно е да се спроведе вакцинацијата со цел да се создаде колективен имунитет“, изјавил на брифинг за новинарите Павел Смелов, заменик на директорот на Росстат, пренесува агенцијата РИА.

Во соопштението на Росстат кое го пренесуваат руските медиуми, се забележува дека стабилизацијата на епидемиолошката состојба во земјата се очекува до септември.

„Во оваа смисла, септември 2021 година се смета за ‘прозорец за можност’ за спроведување на пописот во најбезбедниот период“, се истакнува во цитираното соопштение.

Статистичкото биро појаснува дека во септември, во најголемиот дел од земјата, се најпогодните временски услови за работа на лицата коишто ќе го вршат попишувањето на населението и дека во посочениот период нема масовно ширење на сезонските настинки.

Прелиминарните податоци од пописот, според сегашните состојби, ќе бидат објавувани во текот на целата 2022 година, според темпото на нивно обработување, а конечните резултати ќе бидат објавени во 2023 година.