Пописот пак е прекинат, Симовски вели да не го прашуваме ништо

Не ме прашувајте ништо, наскоро ќе добиете соопштение од Владата во врска со пописот. Ова кратко го рече за Плусинфо директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, откако денеска попишувачите повторно не излегоа на терен за да ја спроведат статистичката операција.

– Не можам ништо да ви кажам. Ве молам да не ме прашувате ништо во врска со пописот. Во моментов сум на состанок и наскоро ќе добиете соопштение од Владата – изјави за Плусинфо Апостол Симовски.

Како што дознава Плусинфо, техничките проблеми со кои се беа соочиле попишувачите на вториот попишувачки ден наводно се надминати и апликацијата за попишување е повторно ставена во функција, но нејасно е зошто попишувачите утрово добиле наредба од ДЗС да си останат дома и да не го попишуваат народот.

Статистичката операција успешно течеше сè до вториот ден кога попишувачите мораа да ги исклучат компјутерите поради технички проблеми со апликацијата. Симовски тогаш рече дека се работи за глобален проблем со интернетот, а потоа истакна дека апликацијата има „багови“ и дека се работи на нивно отстранување.

Пописот е предвидено да заврши на 30 септември, а досега се попишани околу 190.000 граѓани.