Денешниот состанок е позитивен и успешен, а ја оставивме вратата отворена и за следни средби кои би се случувале во иднина. Ние сме во војна со невидлив непријател и затоа е потребно да покажеме капацитет со којшто ќе спасиме што е можно повеќе луѓе, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по завршувањето на денешната лидерска средба со премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека постигнале договор за измените во Изборниот законик.
– Се согласивме за измените на Изборниот законик кои се однесуваат на терминалите за отисок од прст. Очекуваме успешно да биде изгласана во Собранието. Се согласивме и да ги охрабриме групите кои преговараат за другите измени, како што е измената на изборниот модел во една изборна единица, отворени листи за советници на локалните избори, избор за градоначалник во прв круг, како и гласањето на дијаспората на следните парламентарни избори. Втората тема беше работата во Парламентот и се согласивме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи во рамките на Собранието заедно со мнозинството на сите закани кои се однесуваат на реформската агенда за интеграција на Македонија во ЕУ и стопанството. Тоа што сега е закочено ќе биде откочено. Третата тема е процесот на имунизација, а од Заев бил информиран дека во април се очекува да пристигнат околу 350.000 вакцини и ќе започне масовна имунизација. Поврзано со ова, се договоривме пописот да биде одложен за месец септември, а како можен период да биде од 5 до 30 септември. Исто така, локалните избори се одложуваат за втората половина на октомври – рече Мицкоски.
Се согласивме дека е неопходен дијалог, довербата се гради и таа е двонасочна улица, додаде Мицкоски.
– За сите важни процеси треба да изградат заеднички став и власта и опозицијата. Прашањето дали ќе бидеме конструктивна опозиција е дали ќе имаме конструктивна власт. Тоа е Њутнов закон, акција-реакција. Се надевам дека денеска ќе испратиме силна порака до нашите сограѓани дека во моментов не ни е потребно политиканство. Сакаме да испратиме порака дека ни се важни човечките животи. Ако сакаме, можеме заедно да постигнеме повеќе во битката против коронавирусот – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека дијаспората ќе може да продолжи да се самопопишува.