Пописот на населението и домаќинствата во Албанија официјално заврши, објави вчера попладне Инстатутот за статистика, ИНСТАТ. Статистичката операција почна на 18 септември и требаше да трае до 30 октомври, но потоа беше продолжена за уште 15 дена.
Во објавата на Институтот се посочува и дека до 24 месецов по слободен избор на терен ќе се изврши проверка кај лица кај кои стои забелешка оти одбиле да се попишат.
-За проценка на квалитетот на процесот и опфатот, од 20 ноември до 20 декември 2023 година ќе биде спроведена пост-пописна анкета според препораките на Обединетите нации и Европската Унија, во 100 пописни подрачја, распоредени низ целата земја, стои, меѓу другото, во соопштението на ИНСТАТ.
Дали ќе биде опфатена Општина Пустец претставниците на македонските асоцијации во оваа земја не можеа да дадат потврден одговор, но, велат, дека сè уште имаат надеж.
Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, по одлуката на ИНСТАТ, пописот да биде продолжен 15 дена, побара од албанските власти да продолжи пописот на населението во Мала Преспа и деловите каде што живее етничко македонско население. Во образложението на барањето наведоа дека причината е што официјално пописот траел шест недели, но во реалноста ситуацијата била сосем друга, попишувале вкупно три недели.
-Секој ден 400 до 500 лица од Мала Преспа влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи трае бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не беа попишани. Доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш реагиравме, рече неодамна Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Додаде дека од ИНСТАТ, премиерот, министерот за внатрешни работи, побарале да се попишаат жителите на Преспа, но проблемот беше што попишувачите не ги попишуваа.
-Поради тоа се сомневаме дека врз тоа има директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал број вкупно население во Мала Преспа, но и на Македонци, посочи Стерјовски.