Пописот во Црна Гора повторно одложен, новиот термин е 3-ти декември

Црногорскиот премир Милојко Спајиќ изјави во средата доцна вечерта дека неговата влада донела одлука пописот на населението во Црна Гора кој требаше да започне во четвртокот е одложен за 3-ти а ќе трае до 18-ти декември

Претходно најголемата опозициска партија во земјата Демократската партија на социјалистите (ДПС), соопшти дека нема да учествува на пописот на населението додека не бидат исполнати сите услови предвидени со договорот кој минатата седмица го потпишаа со премиерот Милојко Спајиќ.

Спајиќ по таа нивна одлука им понуди пописот да се одложи за четири дена за да се исполнат сите услови коишто во ДПС во средата доцна вечерта ги прифатија, и наведоа дека се подготвени да „дадат целосен придонес за да се одржи пописот во новиот термин на 3-ти декември“.

„Вечерашнава одлука на опозицијата, како и оваа изгласана одлука на денешната електронска седница на владата за одложување на пописот, е доказ дека созреваме како општество. За мене ова е многу важно за помирувањето во Црна Гора и за самиот процес на пристапување на Европската унија“, истакна Спајиќ на прес-конференцијата.

Спајиќ рече и дека за помалку од еден месец успеале да затворат еден многу тежок процес и од нула да го доведат до тоа сите да бидат задоволни.

„На сите предизвици одговоривме во рекорден рок и испративме јасна порака дека приоритет ни се консензусот во општеството и интересот на граѓаните“, рече црногорскиот премиер.

Пописот во Црна Гора беше најавуван за 1-ви ноември, но владата на Спајиќ го одложи на првата седница поради заканите од опозицијата дека ќе го бојкотира бидејќи во пописните комисии немало нејзини членови.

Потоа, црногорската влада претставниците на опозицијата и советот на помалку бројните народи во Црна Гора потпишаа минатата седмица Договор за пописот, кој меѓу другото предвидува проширување на пописните комисии, контрола на внесувањето на собраните податоци, изработка на софтвер за нивна проверка, како и забрана за партиите да водат кампања во врска со пописот.

Последниот попис во Црна Гора е одржан во 2011 година и на него околу 45 отсто од населението се изјасни како Црногорци, 29 отсто како Срби, 8,5 отсто Бошњаци, 4,9 отсто Албанци, 3,3 отсто како Муслимани, и околу 1 отсто како Хрвати.

Пред годинешниот попис во Црна Гора просрпските партии водеа голема пописна кампања за да привлечат повеќе граѓани кои ќе се изјаснат како Срби или дека го зборуваат српскиот јазик, а за таква кампања беше обвинета и Српската православна црква во Црна Гора.