Поплавени 50 куќи во Кичево поради обилните дождови

Од центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска информираа дека како резултат на поројниот дожд, во Кичево дошло до излевање на реката Темница. Притоа биле поплавени околу 50 куќи на улицата „Прилепска“. Од ЦУК додаваат дека во текот на ноќта биле евакуирани една жена и едно дете, а за настанатата сосотојба известени биле сите надлежни институции.

Во селото Самоков, во општина Македонски Брод, дошло до излевање на реката која се спушта до селото Ковач. Биле поплавени подрумските простории на полициската станица во Самоков, мотел, амбуланта, фабрика за чај и други објекти. Во општина Охрид дошло до излевање на Коселаска река, при што во селото Опеница имало поплавено неколку куќи, додека пак во селото Косел било поплавено земјоделско земјиште.

Од ЦУК регистрирале и излевање на Река Црна на повеќе места по должината на речното корито, на потегот од село Долеци до село Бучин, при што поплавени биле поголеми обработени земјоделски површини. Отсечен е и локалниот патен правец за село Мало Илино, а без електрична енергија се повеќе населени места во општина Демир Хисар.

Во текот на вчерашниот ден обилни врнежи од дожд го зафатија и тетовскиот регион, каде според информациите на Центарот за управување со кризи имало излевање на Палчишка река која го поплавила лалокалниот пат Тетово – Порок кај селото Палчиште. Според последните информации, таму состојбата е под контрола. Исто така имало излевање на Поројска река во самото село Порој. Таму било интервенирано со багер и биле отстранети дрвја заглавени на мостот. Во текот на ноќта дошло до излевање на Лакавичка река кај селото Лакавица во општина Гостивар при што биле поплавени неколку куќи.

ЦУК информира дека патниот правец кој води од селото Јегуновце кон селото Радуша е нормализиран за сообраќај, откако синоќа сообраќајот беше во целосен прекин поради излевање на Голема Река.