Поплави на северот на Италија, прва жртва лекар од Сирија

Поплавите на северот на Италија предизвикани од обилни дождови, денеска ја однесoa првата жртва, додека повеќе стотина луѓе мораа да бидат евакуирани од своите домови, а спасувачите и понатаму бараат еден исчезнат маж.

Лекарот со потекло од Сирија, Елијас Касабиџ (66) исчезна во надојдената река во близина на градот Џенова на северозападот на Италија додека бил во посета на едно болно дете, чијшто татко е спасен. Спасувачките служби во близина на Модена трагаат по маж кој наводно во гумен чамец запловил по еден канал, за да им помогне на луѓето кои среде поплавите се отсечени, но ноќта меѓу неделата и понеделникот паднал во вода и исчезнал.

Поради поплавите во околината на Модена се евакуирани околу 600 луѓе, кои се сместени во локалните хотели и здравствените институции. Покрај тоа, блокирани се неколку локални патишта, наведуваат медиумите.

Поројните дождови во покраината Лигурија на северот на Италија до сега предизвикале повеќе од 100 одрони на земја и камења, како и излетување на воз од шините меѓу Франција и Италија, несреќа во која беа повредени двајца.