Поплавите ги ставија климатските промени во фокусот на германската изборна кампања

Катастрофалните поплави со бројни жртви и големи штети кои оваа седмица погодија големи делови од западна Германија, ги поттурнаа климатските промени во центарот на кампањата за изборите коишто ќе се одржат во септември.

Челниците на германските партии од целиот политички спектар ги искористија поплавите, деновите со непрестајни и силни врнежи од дожд како и неодманешниот топлотен бран со високи температури, да ја повикаат нацијата на соочување со предизвиците од глобалното затоплување, пишува германската новинска агенција DPA.

Армин Лашет, премиер на погодената сојузна покраина Северна Рајна –Вестфалија, и новиот претседател на Христијанско-демократската унија (CDU), кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел барем како ткн „шпицен кандидат“ за канцеларската должност на септемвриските избори, вниманието го сврти кон глобалното затоплување како причина за обемните дождови и досега незабележаните поплави, коишто погодија делови од западна Европа а во кои досега животите ги загубија најмалку 130 луѓе.

Лашет до пред неколку години беше познат по минимизирањето на последиците од климатски промени, но во четвртокот, во текот на посетата на разорените региони од поплавите, предупреди дека ќе има сѐ повеќе вакви случувања.

„А тоа значи дека ќе мораме да забрзаме со мерките за заштита од климатските промени, бидејќи тие не се ограничени само на една држава“, порача Лашет.

Ангела Меркел, којашто веќе 16 години е канцеларка, најави дека ќе се повлече од должноста по изборите на 26-ти септември. Во тоа многумина партиски челници ја гледаат својата шанса на изборите.

Поради тоа, кандидатот за канцелар од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Олаф Шолц, го прекина својот годишен одмор и, исто така, отпатува во поплавените подрачја. Таму изјави дека е „шокиран од страшните разорувања коишто ги предизвикала природата“. Изјави и дека природната катастрофа во западна Германија „бездруго има нешто“ со фактот дека се забрзува промената на климата.

Аналена (Шарлота Алма) Баербок, која дојде на чело на партијата на Зелените а којашто до пред извесно време бележеше незамапетен во својата историја подем во поддршката меѓу граѓаните, исто така, го прекина годишниот одмор и се врати во изборната кампања. Нејзината партија традиционално добива кога поголемото вниманието на гласачите е насочено кон екологијата по природните катастрофи.

Така, поддршката за Зелените во Германија порасна во 2011 година по нуклеарната катастрофа во јапонска Фукушима. Таа катастрофа тогаш ја натера и Меркел да се откаже од силната поддршка за нуклеарната енергија и од нападите врз ставовите на Зелените против атомската енергија. А најголемата европска економија според обемот тогаш се сврти повеќе кон алтернативните извори на енергија.

Винфред Кречман тогаш стана првиот премиер на една германска сојузна покраина од редовите на Зелените, поразувајќи го CDU на Меркел во Баден-Виртемберг, што додотагаш беше сметан за традиционално упориште на демохристијаните.

Овојпат, Баербок и Зелените би можеле да профитираат доколку овонеделните поплави и бројот на загинатите, кој постојано се зголемува, ги насочат во изборната кампања на климатските промени, изјави за DPA изборниот аналитичар Франк Бретшнајдер. Конкретно, според него, поголемата свесност за глобалното затоплување би можело да им помогне на Баербок и Зелените да ги обноват своите изборни надевања откако анкетите изминатиот период покажаа, сепак, пад на поддршката и заостанување зад Унијата CDU/CSU.

Меѓутоа, катаклизмичните сцени од сојузните покраини Северна Рајна-Вестфалија и Рајнската област-Пфалц, како и во соседните земји, исто така, се потсетник на клучната улога којашто поплавите во 2002 година ги одиграа на германските општи избори таа година.

Тогаш лично интервенираше поранешниот канцелар Герхард Шредер, откако разорните поплави ја пустошеа источна Германија во август. Тоа му помогна на Шредер еден месец подоцна во тесната изборна трка да оствари тесна победа. Оттогаш, глобалното загревање стана пошироко политичко прашање во Германија, особено по низата национални катастрофи, како што беа разорните пожари предизвикани од громови во Австралија и САД, како и низата силни бури ширум светот.

Ова прашање веќе ги оформува и германските глобални сојузи. Претходно седмицава, во текот на посетата на Ангела Меркел на Вашингтон, Германија и САД се договорија за проширување на енергетското и климатско партнерство на технолигиите на иднината, како што се водородот или обновливите извори на енергија.