Поплавите погодија најмалку 410 домаќинства, допрва проценка на штетите

Околу 410 домаќинства од штипскиот и пелагонискиот регион поднеле барање за обесштетување по поплавите кои предизвикаа огромни штети врз земјоделските култури и имотите на мештаните. Проценка на штетата допрва ќе се врши бидејќи на одредени подрачја водата сеуште не е целосно повлечена.

Од штипскиот регион најмалку 200 семејства поднеле барање за отштета, а од општината велат дека штетите врз земјоделските култури, дворовите и куќите се огромни.

Оттаму додаваат дека моментално ситуацијата во поплавените подрачја е стабилна и дека секојдневно се работи на санација на штетите.

-Веднаш по поплавите се излезе на терен, а постојано се доставуваше флаширана вода за пиење во најтешко погодените подрачја.  Пријавениот угинат добиток веднаш беше отстранет, а водата од градскиот водовод е безбедна за пиење веќе цела недела, велат од општината и додаваат дека хигиената се одржува на максимално ниво.

Меѓутоа, од општината предупредуваат дека покрај големите штети, граѓаните од поплавените подрачја се соочуваат со уште еден проблем – земјоделски површини сами по себе можат да бидат потенцијален извор на разни зарази.

Од пелагонискиот регион барање за отштета до утринава поднеле 210 домаќинства, а бројот од минута во минута расте.

Од општина Битола велат сеуште не е направена проценка на штетата бидејќи во одредени делови водата сеуште не е повлечена, што го отежнува и целиот процес на санација.

Истото го велат и од Центарот за управување со кризи.

-Водата е повлечена речиси секаде. Водата не е повлечена и се очекува подолг период да остане на површина од 180 до 200 хектари во битолските села Оптичари и Егри, од 150 до 170 хектари површина од десната страна на десетиот канал во општина Новаци и 50 хектари од левата страна на каналот, велат од Центарот за управување со кризи и додаваат дека проценките сеуште траат.

Исто така водата не е повлечена на површина од 10 хектари на патот Могила –Радобар, а надвор од функција е и системот за одводнување, што при евентуално надојдување на Црна река би можело да предизивка нови поплави, предупредуваат од ЦУК.

Имено, во пелагонискиот регион за време на обилните врнежи вкупно била поплавена површина од 4.500 хектари во Битола, 9.000 хектари во општина Могила и 2.000 во општина Новаци.