![nikola poposki](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/nikola-poposki1.jpg?resize=600%2C384&ssl=1)
Развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и Бриселскиот договор влијаеја на релаксирање на односите на Србија кон Македонија, истакна шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
Тој, за српска „Политика“, вели дека двете отворени прашања меѓу Србија и Македонија, односите со СПЦ и канонски непризнатата Македонска православна црква, како и различните ставови во поглед на Косово, „само делумно се променети“.
Попоски наведува дека СПЦ и понатаму има потешкотии да ја признае Македонската православна црква, покрај тоа што, како што вели, најверојатно сите би биле посреќни доколку односите, покрај духовните, и канонски се признати.
„Лично не сметам дека двете држави треба да се занимаваат со духовни теми. Секако ниту еден Македонец, без оглед на тоа дали е верник, не гледа со воодушевување кога се оспорува таа институција, бидејќи таа го носи и карактерот на идентитетот“, објаснува македонскиот министер.
Тоа, како што предупредува, често се интерпретира како „дел од поширока негација на македонскиот идентитет, а во суштина би требало да биде прашање само за црквата“.
„Не мислам дека проблемот е нерешлив, но исто така не сум убеден дека не можеме да живееме и без некое решение, посебно доколку тоа биде штетно за пошироките македонски интереси“, заклучува Попоски.