Како што соопшти МНР, во обраќањето Попоски истакнал дека постои стравување во европски рамки дека може да се повтори 2015 година со масовни хаотични миграциски движења.
– Тоа може да доведе до низа еднострани одлуки од земјите членки на ЕУ. Во крајна линија и суспензии на слободата на движење. Во година кога неколку членки имаат избори ризиците од политизација се многу поголеми. Сегашниот ред е резултат на контролите што се воведоа за спречување нелегални премини и на Договорот ЕУ-Турција. Едно е јасно, притисокот не е исчезнат туку само се изнајдени привремени решенија, истакнал Попоски.
На конференцијата во Виена најголем дел од разговорите биле за тоа што може дополнително да се направи во овој период на затишје.
На панелот учествуваа и министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, еврокомесарот Јоханес Хан, потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Малта Џорџ Вела, со кои на маргините на конференцијата, Попоски имал билатерални средби.
На средбите, како што стои во соопштението, е разговарано за билатералните односи, набљудувачката мисија на изборниот процес во Република Македонија, Извештајот на Европската комисија и неопходноста да се промени пристапот на повторени препораки без процес на преговори за членство.
– Последното е неопходно да биде поддржано од сите кои и мислат добро на Унијата и се грижат за нејзиниот публицитет, заклучи Попоски.