Попоски: Ќе изградиме модерен високо квалитетен скијачки центар на Попова Шапка

Последниот ден од изборната кампања носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија” во ИЕ 6, Никола Попоски, е во посета на населените места од општините Брвеница и Теарце.

Попоски ја посети живинарската фарма во село Челопек, каде што оствари средби со сопственикот на истата и со вработените. Тој ги нагласи мерките во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на земјоделството, како и предвиденото намалување на данокот на додадена вредност за сточната храна.

Во општината Теарце, Попоски се сретна со жителите на селото Доброште, по што го посети селото Теарце и новоизградената црква „Св. Димитрија”. На средбите со жителите на овие населени места, носителот во ИЕ 6 ги истакна новите проекти од програмата “Проверено” на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2014-2018. Тој го нагласи проектот за изградба на новиот скијачки центар Попова Шапка.

„Ќе изградиме модерен високо квалитетен скијачки центар на Попова Шапка, кој ќе обезбеди најсовремени услови за локалните и регионалните скијачи и сноубордери. Предвидено е да се изградат нови ски патеки за сите нивоа на скијачки вештини кои ќе зафаќаат 270ха совршено балансирани скијачки патеки. Исто така, предвидено е модернизирање на постоечките и изградба на нови сместувачки капацитети и услужни објекти, зголемување на бројот на паркинг-места, изградба на систем за производство на технички снег и изградба на нови жичари и ски лифтови, со што капацитетот на превоз на скијачи од сегашните 1.750 ќе се зголеми на 12.450 превезени скијачи на час,“ истакна Попоски.