Попоски: Надвор на сите им е јасно дека мора да се базираме на волјата на граѓаните

Најзначајните заклучоци од состанокот се однесуваа на европската иднина од сите земји од регионот, бидејќи ЦЕИ е најстарата регионална иницијатива која се стреми кон членство во ЕУ на сите земји од регионот, истакна миистерот за надворешни работи Никола Попоски  во вестите на Сител.

Тој посочи дека за Македонија било значајно да се засили пораката дека сите ќе бидеме дел од ЕУ со некаква временска рамка, односно да се предвиди во колкав временски период и со каква диманика ќе се движат работите на интеграцијата.

-Во делот на економската соработка имавме заклучоци кои се однесуваат на изградба на регионална инфраструктура и посветување на европските фондови во овој дел. Конечно разговаравме за миграциите, односно оној голем бран на бегалци од Азија и Африка, кој во моментов поминува низ Балканскиот полуостров. Решението за ова прашање мора да биде европско, во кое ќе бидат вклучени и земјите од регионот и од ЕУ, истакна Попоски.

Во однос на политичката криза во Македонија и гледиштата на останатите шефови на дипломатиите, Попоски вели дека на сите им е јасно дека мора да се базираме на демократски принципи.

-Освен тоа што надвор на сите им е јасно дека мора да се базираме на некои демократски принципи и изразената волја на граѓаните, веројатно тоа треба да биде и порака за некои фактори дома, кои не секогаш се согласуваат со ваков пристап. Во овој момент најголем предизвик е дека Македонија ја плаќа цената и дека недостатокот на продуктивен политички дијалог го плаќаме преку тоа што оние кои не блокираат имаат многу лесни и евтини аргументи да продолжат со тоа, додаде Попоски.