Попоски: Образованието и активната вклученост на жените клучни за стабилно општество

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски учествуваше на Министерскиот дијалог “Постигнување напредок преку  учеството на жените во процесите на носење на одлуки“.

Тој информираше дека Македонија има активен пристап во имплементацијата на Резолуцијата на Обединетите нации, која се однесува на важноста на учеството на жените во превенција и разрешување на конфликти, одржување на мир и безбедност.

Воедно, Попоски нагласи дека образованието и активната вклученост на жените се клучни за создавање на стабилни и продуктивни општества. На крајот на  своето излагање, министерот Попоски резимираше со кус цитат на Маргарет Тачер: “Ако сакате зборови, обратете се на маж, ако сакате дела  обратете се на жена“.

Излагањето на министерот Попоски наиде на позитивни реакции од присутните на министерскиот дијалог.

На крајот министерот оствари неформални средби со Државниот секретар за надворешни работи на Обединетото Кралство, Вилијам Хејг и Министерот за Европа, Дејвид Лидингтон.

На средбите  беа разменети мислења за билатералните односи, како и за евроатланските  перспективи на Република Македонија. Во оваа прилика, министерот Попоски ја потврди определноста на граѓаните и Владата на Република Македонија за членството во ЕУ и НАТО. На средбите беше реафирмирана поддршката на Владата на Обединетото Кралство кон европските перспективи на земјата.