Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска во Скопје се сретна со грчкиот министер за надворешни, Евангелoс Венизелос, кој е во посета на земјава како дел од неговата турнеја во рамките на грчкото претседателство со Европската Унија.
Попоски по едночасовната средба со грчкиот колега рече дека разговарале за повеќе теми како унапредување на соработката, напредокот на Македонија кон евроинтеграција, но и за спорот за името. Сепак, Поповски вели дека поради политичката ситуацијата во Грција во овој момент не може да стане збор за суштинско поместување во разговорите за спорот за името.
„Констатацијата е дека политичката реалност таму во моментов не остава многу простор за суштинско поместување. Така што не би имал посебни очекувања не пред мајските европски парламентарни избори кои ќе се случат таму. Впрочем ние веќе подолг временски период сме го искажале нашиот став дека во секој случај владеењето на меѓународното право и преземените обврски и искрениот и отворениот дијалог на политичко ниво се единствениот начин да се помести ова прашање“, рече Попоски одговарајќи на новинарско прашање дали со неговиот колега Венизелос разговарале и за спорот за името меѓу другото.
Министерот смета дека името се’ уште е единствената пречка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО и покрај тоа што грчката страна се обидува да прикаже дека името не е единствениот проблем, па се споменуваа и внатрешната политичка состојба и добрососедските односи.
Поповски истакнува дека ваквите изјави од Грција дојдоа по пресудата на Хаг, кој што пресуди дека е нелегално Грција да не попречува да влезе во некоја меѓународна институција поради името.
Сепак, Попоски вели дека Македонија очекува и во текот на грчкото претседателство со ЕУ приближување кон интеграција во Унијата.
„Се надевам дека и во текот на ова актуелно претседателство ќе бидат преземени чекори во контекст на нашата интеграција на ЕУ која би била единствен начин за да се оправда фактот дека имаме дефакто земја членка од регионот која сега го има претседавањето со ЕУ. Нашите очекување сепак се фокусирани на она што ние можеме да го направиме и да се посветеми на сите оние реформи кои се важни за нашите граѓани“, рече шефот на македонската дипломатија.
Попоски е прв на агендата на гостинот од Грција. Венизелос денеска има средби со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, претседателот Ѓорге Иванов, лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Се очекува попладне да има средба и со премиерот Никола Груевски.