Република Македонија треба да биде дел од ЕУ, а за тоа не треба фактор да биде справувањето со мигрантската криза, туку седумте последователни препораки од Европската Комисија и спроведените реформи. Со тоа треба да се стави крај на задоцнетата реакција во однос на почетокот на пристапните преговори со ЕУ.
Ова го порача министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во обраќањето на состанокот на Паневропската меѓународна унија, кој се одржа во Европскиот парламент во Стразбур, јавува дописникот на МИА.
Попоски се осврна и на справувањето со мигрантско-бегалската криза. Потенцираше дека Македонија е специфичен случај со оглед дека бегалците доаѓаат од територија на земја членка на ЕУ, Грција, во земја која што не е ЕУ членка, Македонија.
– Имаме добра соработка со Грција. Tаа ни е соседна земја и сакаме да и помогнеме. Со или без членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, секогаш ќе и помагаме на Грција, особено кога станува збор за еден ваков европски проблем. Нашата држава ќе продолжи со хуманиот третман на мигрантите, системот на регистрирање и спречување на илегална миграција. Република Македонија делува во согласност со европските политики и принципи и сака да биде дел од европското семејство. ЕУ не би била ЕУ доколку не им обезбеди безбедно небо на оние на кои што најмногу им е потребно, истакна Попоски.
На отворената дискусија повеќе европратеници ја реафирмираа поддршката за Република Македонија за евроинтергативниот процес, истакнувајќи дека земјата заслужува целосна поддршка и соработка од ЕУ.
Едуард Кукан, исто како и европратениците Маријан Петир и Туне Келам дадоа целосна поддршка за членството на Република Македонија во Европската Унија. Тие ја нагласија и соработката и напорите кои ги прави Македонија за справување со мигранткста криза.
– Конечно Македонија треба да започне преговори за членство во ЕУ,бидејќи таа веќе многу одамна ги исполнува условите за тоа. Според мене, тоа би било правилно и би и помогнало на Македонија, рече Кукан.
На забелешката на грчкиот европратеник Манолис Кефалогианис за името, јазикот и народот, односно за тоа дека „македонскиот идентитет не се разликува од бугарскиот и дека тоа било измислено од комунистите и Тито“, министерот Попоски повикувајќи на почитување на европските вредности, одговори: „Ние се залагаме за почитување на европските вредности и почитувањето на правото. Ние ја прифативме понижувачката референцата, додека Грција се обврза дека нема да не блокира во нашите евроатланстки интеграции. Но, Грција не блокира. Меѓународниот суд од Хаг одговори дека страната која не го почитува договорот е Грција. Таа вредност и право треба да се почитува. Сите сме ние некои поранешни, а само Македонија ја носи референцата поранешна“, рече Попоски, проследен со аплауз од учлесниците на состанокот.
Во изјава за МИА по состанокот Попоски рече дека е апсурдно е во 2016 година да му се оспорува некому идентитет и во никој случај тоа не е компатибилно со вредностите на Европската Унија во која човековите права треба да бидат издигнати на највисоко место.
– Вредно беше да се потсетат членовите на Паневропската меѓунраодна унија дека Република Македонија е повеќе од десет години земја кандидат за членство во ЕУ и дека седум години ги исполнуваме критериумите за отпочнување на преговорите. Со оглед на динамиката на настаните, мигрантската криза и другите предизвици во Европа, многумина веќе имаат заборавено дека Македонија требаше да преговара за членство во Унијата. Мислам дека оваа поддршка од Паневропската меѓународна унија е значаен сигнал дека не сите имаат заборавено за вредностите на интеграцијата во Европа и за остварување на целта целиот Балкан да биде дел од таа Европска Унија, изјави Попоски.
Претседателот на Паневропската меѓународна унија, Алан Терноар, поддржувајќи го ставот на шефот на македонската дипломатија, истакна дека организацијата со која тој претседава „не прекина да се бори, за да го поддржи отворањето на преговорите за идното членство на Република Македонија во ЕУ“.
– Ние сметаме дека се исклучително неправедни блокадите и ветата кои и беа наметнати на Македонија. Треба сега да се каже дека е дојдено време грчката страна да појасни јавно дека е дојдено времето за Грција да работи со Република Македонија, бидејќи тоа е нејзиното име и да се подигнат пречките кои се уште постојат за Македонија набрзо да и се приклучи на Европската Унија, рече Терноар.