Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на министерскиот состанок на Северно-атлантскиот совет со земјите учесници во Мисијата ИСАФ во Авганистан.
Министрите за надворешни работи во ИСАФ формат разговараа за политичко безбедносната состојба во Авганистан во пресрет на претседателските и локалните избори, закажани за 5-ти април, како и за правната рамка со која ќе се дефинираат улогата и модалитетите на ангажманот на Алијансата во Авганистан по 2014 година.
Во своето обраќање на состанокот, министерот Попоски ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија, во рамките на своите можности и мандатот даден од Алијансата, активно да учествува во градењето на стабилна и безбедна иднина на Авганистан, во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“, по 2014 година.
Во оваа прилика, МНР Попоски истакна дека со зајакнати заеднички напори ќе се создадат позитивни правни и безбедносни предуслови за развој на демократското општество во Авганистан, почитување на човековите права, организирање фер и демократски претседателски избори, ќе се даде импулс на економскиот развој на земјата и ќе се придонесе кон зголемување на соработката на Авганистан со земјите од регионот. Владеењето на правото треба да е во темелот на секоја наша активност. Оттука, треба да почнуваат и завршуваат нашите дејства на меѓународната сцена но и при носење одлуки. Поради тоа, и постоењето на правна рамка по 2014 е клучна за нашето натамошно присуство во Авганистан, потенцираше Попоски.
На маргините на состанокот министерот Попоски оствари повеќе неформални средби со Министрите за надворешни работи од земјите членки на НАТО.