Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска ќе оствари официјална посета на Република Србија.
Во рамки на официјалната посета на Република Србија, покрај средбата со својот домаќин, Министерот за надворешни работи Иван Мркиќ, Министерот Попоски ќе биде примен од Претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ и од Претседателот на Владата, Ивица Дачиќ.
Соговорниците, за време на средбите ќе се осврнат на билатералната, регионалната и мултилатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Србија, со акцент на можностите за надградување на билатералната и регионалната соработка во областа на економијата, образованието, културата, транспортот и земјоделието, како и за натамошен развој на соработката на мултилатерален план по прашања кои се во интерес на двете земји и на соработката по прашањата на евроинтеграциите.
Во рамки на посетата ќе биде потпишана билатералната Спогодба за заемно признавање на јавни документи за стекнато образование и за стручни, академски и научни звања меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија, со што ќе се прошири договорната рамка меѓу двете земји.
Министерот Попоски за време на посетата ќе оствари и средба со претставниците на Македонското национално малцинство во Република Србија.