Денешните активности на носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во изборната единица 6, Никола Попоски, продолжија со посети на населените места во општина Брвеница, односно селата Седларце, Теново и Челопек.
Во Челопек, Попоски ја посети старата црква од 14 век “Св. Никола”.
На средбите со жителите на споменатите села, носителот на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 6 ги претстави проектите од програмата на ВМРО-ДПМНЕ “Проверено” за тетовскиот и гостиварскиот реон и побара уште позасилена поддршка од гласачите во општина Брвеница во вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори на 27 април.
Воедно, Попоски укажа за значењето од добивањето на 62 мандати во Собранието на Република Македонија во справувањето со сите внатрешни и надворешни предизвици од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.