Попов: Град Скопје станува вистински партнер на младите, заврши времето на немање младински политики, младите сега активно учествуваат во креирање и реализација на проектите наменети за нив

Централната власт се обидува да ги саботира проектите кои ги прави новата локална власт од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да ја саботира партијата, но од тоа губат само граѓаните особено младите, изјави Сергеј Попов, советник во Совет на Град Скопје и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната трибина „Град Скопје партнер на младите“ на која се зборуваше за темите од младинско значење.

„Сакаме на младите да им ја доловиме сликата за состојбите во градот Скопје пред и потоа. Сакам да им порачам на младите, а тоа е да бидат будни, да бидат гласни, а секогаш кога нешто не чини да критикуваат, бидејќи кога не критикуваме и не се бориме за ништо подобро истото нема и да го добиеме“, рече Попов.

Посочи и дека вчера излезе повик за поддршка на младински проекти и иницијативи од Град Скопје и ги повика младите да аплицираат на јавниот повик со цел младите да бидат поактивни и повеќе да творат.

Наташа Менкиноска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Ѓорче Петров истакна дека како и секоја општина и нивната ја затекнале со многу долгови направени од претходниот градоначалник Александар Наумоски од СДСМ, и без проекти за младите, нешто што сега се менува.

Немаше реализирани проекти за млади. Ние повеќе работиме на тоа да го промениме. Така би го споменала најновиот проект за млади тоа е локалитетот „Крст“ во Кучково простор од околу 5.000 квадратни метри кој ќе се уреди да биде атрактивен за младите. Исто така заедно со Градот Скопје го правиме Мега паркот. На тоа место имаше депонија која сега со новата локална власт е исчистена и ќе никне парк кој ќе биде атрактивно место за младите. Исто така сме достапни за младите на од општина Ѓорче Петров кои ни ги пишуваат проблемите, а ние им ги решаваме доколку сме во можност, изјави Менкиноска.

Стефан Стефановски, претседател на Градски комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во изминатите години на претходното раководство немаше никаква иницијатива за формирање локален младински совет на ниво на Град Скопје, но за разлика од минатите четири години, вели дека сега, новото раководство на градот, веќе презема конкретни чекори со цел да ги вклучи младите активно да учествуваат во креирањето на проектите и младинските политики.

„Сега има иницијатива за формирање на младински совет. За само неколку месеци има објавено оглас за формирање на иницијативен одбор за да се формираат овие младински локален совет и со формирањето на тој локален младински совет ќе се подобри комуникацијата на младите со Градот Скопје. Младите ќе можат да учествуваат во креирањето на различните проекти кои што ќе бидат наменети за нив, ќе може да предлагаат проекти со кои ќе учествуваат во креирањето на политиките важни за младите во главниот град“, потенцираше Стефановски.

Филип Јаневски член во Советот на Град Скопје изјави дека затекнатата ситуација беше очајна, бидејќи покрај големиот број на вработувања коишто се случија во изминатиот четиригодишен период за време на владеењето на Петре Шилегов, од тие вработувања изостануваа млади способни кадри, кои соодветно се образовани за да допринесат за градот.

„Сега по доаѓањето на градоначалничката Данела Арсовска, таа нема претензии се што е од претходната локална власт да прекинува како што беше случајот со Петре Шилегов кога прекинуваше проекти наследени од претходната локална власт. Ќе се оствари и новиот модерен луна парк каде најмладите жители на Градот Скопје, па и за жителите надвор од Град Скопје ќе имаат можност за рекреација“, нагласи Јаневски.