Попов: УКИМ не е на Шангајската листа затоа што приоритетите на Владата се провизии, матни зделки и негрижа за иднината на Македонија

-Ако сакате да уништите една нација и да се осигурате дека државата ќе оди во погрешна насока, почнете со уништување на образованието. Оваа изрека идеално ја опишува ситуацијата во која ние младите сме затекнати во времето на владеењето на ДУИ и СДС, истакна Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

-И кога мислиме дека дното е достигнато, владината коалиција не потсетува дека можеме уште подолу и уште полошо.

Падот во животниот стандард, падот во инвестициите во образованието и науката, мизерната состојба и третирањето на студентите како маргинализирана група, кулминираше со тоа најголемиот државен универзитет оваа година воопшто да не се најде на Шангајската листа.

УКИМ не се најде на Шангајската листа не поради недостиг на перспективни кадри или недоволна мотивација кај управата, професорите и студентите, туку бидејќи приоритетите на владината коалиција се насочени кон провизии, матни зделки и непостоечка грижа за иднината на Македонија.

Додека инвестициите од буџетот за наука изнесуваат срамни 0.3%, владината коалиција одбра платите на министрите да ги зголеми за 78% отсто. Додека власта се обидува да протурка решение со кое студентот треба да преживува со мизерни 140 денари на ден, новите објекти на ФИНКИ и ФФК се оставени да скапуваат, а средствата ги пренасочи кон задоволување на бизнис интересите на своите партнери од ДУИ.

Од ден на ден, на граѓаните во Македонија се повеќе им станува јасно дека потфрлувањата на владата не се изолирани инциденти, туку целокупен крах и пропаст на системот, бавно движење кон состојба која може да биде кобна и безизлезна. Директна одговорност за нашите сограѓани кои гореа живи, мизерната состојба со пензиите, платите и можностите за бизнис и вработување, очигледно се втемелени во идеолошката матрица на коалицијата која ја опустоши Македонија.

Едно е јасно – брзи промени мора да има, доколку сакаме пристоен животен стандард, доколку сакаме просперитетна Македонија која ќе се грижи за секој еден граѓанин, а преку инвестиции во образовната инфраструктура и науката, ќе се погрижи оваа држава да има младина која својата иднина ќе ја гледа во достојна и праведна држава, додава Попов.