ВМРО-ДПМНЕ е водена од мислата за успешна и просперитетна Република Македонија. Работата во корист на граѓаните е наша обврска и должност, затоа веднаш по локалните избори во општините каде ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата ќе спроведеме низа клучни мерки за доброто на граѓаните. Почнува новата ера, која значи многу нови проекти и нови работни места, истакна Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
„Во сите општини каде довербата од граѓаните ќе ја добијат градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ‘За Подобра Македонија’ ќе го спроведеме проектот бесплатен здрав оброк за сите деца од прво до петто одделение во училиштата низ државата. Придобивките од проектот се големи и повеќекратни. Првенствено децата секојдневно ќе добиваат здрава храна, што ќе биде значајно за создавање на навики за здрав начин на исхрана од најмала возраст. Користењето на ваквите оброци, ќе бидат корисни за здравјето на децата,но и за нивниот правилен раст и развој. Оброците кои ќе им се даваат на децата, ќе бидат подготвувани со врвни нутриционисти и други експерти за здрава исхрана“, рече Попова.
Воведувањето бесплатен здрав оброк во училиштата, додаде Попова, значително ќе ја намали употребата и користењето на брзата храна од страна на учениците која е еден од главните причинители за прекумерната тежина кај децата и појавата на сериозни болести.
„Мерката бесплатен здрав оброк за учениците, ќе ги помогне и домашните буџети на многу млади семејства кои имаат дечиња кои учат од прво до петто одделение. Заштедите на родителите со оваа мерка ќе бидат околу 600 денари месечно за едно дете, што се околу 5.400 денари на годишно ниво. Ако семејството има две деца на таа возраст, заштедите во домашниот буџет на родителите би биле околу 1.200 денари месечно или 10.800 денари годишно. Во училиштата каде децата се на целодневна настава, родителите исто така ќе имаат заштеда, затоа што ќе доплаќаат само за вториот оброк во текот на денот, а првиот оброк ќе им биде бесплатен согласно мерката која ја предлагаме’, подвлече Попова.
„Дополнително ќе ја разгледаме можноста и во текот на мандатот ќе работиме овој ‘Проект за бесплатен здрав оброк за учениците’ да го прошириме и воведеме и во повисоките одделенија. Нашата цел ќе биде до крајот на мандатот сите деца да бидат опфатени со оваа мерка заклучно со деветто одделение. Граѓаните на 15-ти октомври имаат едноставен избор и ќе ја направат разликата. Дали се за економски напредна и просперитетна Република Македонија со ВМРО-ДПМНЕ или стагнација и кочење на сите проекти со СДС“, заклучи.