Фондот за иновации и технолошки развој до сега има финансирано 33 проекти од различни сектори, но кај старт ап претпријатијата доминира ИКТ секторот, бидејќи најголем број од апликациите се од овој сектор и веројатноста да се доделат средства на проекти од ИКТ е поголема. Во однос на проектите кои ги финансиравме на првиот повик од вкупно 16 еден веќе е завршен, додека неколку имаат готов производ на пазар. Останатите се во завршна фаза од развој на иновативното решение и во текот на летото речиси сите ќе ги завршат проектите.
Ова во интервју за Нетпрес го посочи директората на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска. Таа мешу другото говореше и за тоа какви се проекти и кои компании имаат можност да аплицираат на јавните повици на Фондот, но и за критериумите за нивно оценување…
Во изминатата 2015 –та година се реализираа два јавни повика на кои компаниите аплицираа за различни инструменти – старт ап, комерцијализација на иновации и , трансфер на знаења. Госпоѓо Поповска, дали можете накратко да ни објасните што значи секој од овие повици, пред се’ кој се и за што има право да аплицира на овие повици?
Фондот за иновации и технолошки развој во 2015 година додели вкупно 1.3 милиони евра за 33 иновативни проекти. Фондот во февруари 2015 година го објави првиот јавен повик за ко-финансирани грантови за старт ап претпријатија на кој беа доделени средства на 16 претпријатија во вкупен износ од 458.000 евра. Со овој инструмент е предвидено финансирање на проекти со јасна комерцијална амбиција кои се во фаза од „потврден концепт“ (proof of concept) до преткомерцијална (претпазарна) фаза до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра. Прифатливи активности за финансирање се истражување и развој, развој на пилотни линии, активности за тестирање и дизајн. За поддршка преку овој инструмент може да аплицираат македонски микро, мали или средни претпријатија кои имаат доминантна македонска сопственост и кои не постојат повеќе од 6 години. Воедно годишните приходите на апликантот не треба да надминуваат 1 милион евра во последните две години.
Во септември 2015-та година го објавивме вториот повик за инструментите ко-финансирани грантови за старт ап претпријатија, ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации и ко-финансирани грантови за трансфер на технологии, при што од пристигнатите 95 апликации беа одобрени вкупно 17 проекти, од кои 10 на старт ап претпријатија и 7 за комерцијализација на иновации. Условите кои треба да ги исполнат апликантите за добивање на поддршка за комерцијализација на иновации се исти со оние кај инструментот за старт ап претпријатија, со таа разлика што кај комерцијализација на иновации нема ограничување во однос на времето на постоење на бизнисот.
Со инструментот за комерцијализација на иновации може да се финансираат проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) сè до преткомерцијална (претпазарна) фаза до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100.000 евра..
Целта на инструментот за трансфер на технологии е да се поттикне трансфер и имплементација на нови иновативни и подобрени технологии, know-how и технолошки процеси и да се охрабрат различни форми на соработка помеѓу микро, малите и средни претпријатија, бизнис здруженија, кластери и/или стопански комори, со цел да се постигне позитивно влијание на секторот.
Во една ваша претходна изјава, велите дека е мошне значајно проектите да бидат иновативни, да бидат нови, и исто така напоменавте дека се оценува и пазарниот потенцијал, односно дали е наменет за мaкедонскиот пазар или за извоз. Во овој контекст би било значајно да ни појасните што поточно значи тоа да бидат проектите иновативни – да бидат нови на македонскиот пазар, или пак во светски рамки?
Кај инструментите за поддршка на старт ап претпријатија и комерцијализација на иновации се оценуваат степенот на иновативност, потенцијалот на пазарот, квалитетот на проектот, капацитетот на проектниот тим и влијанието на проектот врз средината, економијата или општеството. За да еден проект биде избран за финансирање неопходно е да добие добра оценка за секој од овие пет критериуми. Степенот на иновативност и пазарниот потенцијал се едни од критериумите кои носат најголема тежина бидејќи во иднина од нив најмногу ќе зависи и успехот и растот на бизнисот. Тоа што се оценува под критериумот степен на иновативност е дали има потреба од иновативното решение за кое се бара финансирање и дали таа е јасно дефинирана, дали проектот ќе резултира со производ, процес или услуга што е подобра од алтернативните решенија на пазарот, дали е направено пребарување за новитет за да се провери дали можеби постои веќе слично или исто решение на пазарот. Дали решението е наменето за националниот, регионалниот или за глобалниот пазар се зема предвид кај критериумот за пазарен потенцијал.
Дали можете да издвоите три проекти што досега биле финансирани од Фондот за технолошки развој и иновации и кои досега имаат остварено некаков резултат?
Фондот до сега има финансирано 33 проекти од различни сектори, но кај старт ап претпријатијата доминира ИКТ секторот, бидејќи најголем број од апликациите се од овој сектор и веројатноста да се доделат средства на проекти од ИКТ е поголема. Во однос на проектите кои ги финансиравме на првиот повик од вкупно 16 еден веќе е завршен, додека неколку имаат готов производ на пазар. Останатите се во завршна фаза од развој на иновативното решение и во текот на летото речиси сите ќе ги завршат проектите. Кај овој инструмент проектите траат околу 12 месеци. Корисниците на средства од вториот повик се на почеток од спроведување на нивните проекти и е рано да се зборува за нивните резултати.
Проектот кој е завршен е KHAL store првата пазарна платформа која ги спојува производителите и корисниците на ИоТ (Internet of Things) уреди. Таа ќе го скрати патот на оние кои нудат ИоТ уреди да стигнат до своите корисници во светот. Крајните корисници ќе имаат можност да избираат и комбинираат решенија во различни области како индустриски така и персонални или во било која област.
Во рамки на друг проект има веќе готов производ на пазарот и се работи за модуларен громобрански фаќач Веда Тотал кој е првиот громобран со отворена надградлива архитектура и со интелигентни карактеристики. Особините на громобранот ги одредува крајниот корисник зависно од сопствените потреби. Громобранот може да се надгради со електронски склопови со најразлична намена (аудио-визуелни аларми, комуникација со сателитски и терестријални системи за следење на грмотевична активност, самодијагностика, статистика на грмотевични настани, комуникација со корисникот, соработка со други громобрани итн.).
И трет проект каде има готов производ е Кликон – веб-базирано софтверско решение за мали и средни бизнис претпријатија кое овозможува работа со електронски фактури, квалитетни бизнис статистики, како и им помага на овие бизниси во нивното претставување на Интернет, меѓусебно поврзување и комуницирање во рамки на интегрирана социјална заедница.
Какви се плановите на Фондот за годинава – Дали ќе има нови јавни повици и колку сретства ќе бидат издвоени за таа намена?
За 2016 година Фондот планира да објави два повика со вкупен буџет за доделување од 2.650.000 евра. Од овие средства 1 милион евра се наменети за околу 10 проекти за комерцијализација на иновации и 750.000 евра за околу 25 старт ап претпријатија.
Кои се компании може да аплицираат на јавните повици?
За инструментите за старт ап претпријатија и комерцијализација на иновации може да аплицираат микро, мали или средни претпријатија (до 250 вработени) со годишни приходи до 1 милион евра во последните две години. Истите треба да се регистрирани во Република Македонија и да се во доминантна (најмалку 50,1%) македонска сопственост. Старт ап претпријатијата треба да постојат најмногу 6 години во моментот на аплицирање. Претпријатијата може да се од сите сектори.
Заедно со Министерството за локална самоуправа организиравте работилница на тема Регионални иновациски стратегии, може ли да ни кажете за што беше наменет настанот?
Настанот имаше за цел да ги престави активностите во рамки на проект на Владата на Република Македонија за подготовка на Стратегии за иновации на осумте плански региони во Република Македонија. Министерството за локална самоуправа проектот го реализира во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). На настанот беа презентирани добри меѓународни пракси за подготовка на регионални стратегии за иновации, како и потенцијалите на планските региони во Република Македонија за развој заснован на иновации. Воедно за планските центри за регионален развој беше одржана работилница на тема иновации, значењето на иновациите за регионалниот развој и конкурентноста. Воедно регионалните стратегии за иновации се дополнителен чекор во утврдувањето на потреби и приоритети за поддршка на иновациската дејност во Република Македонија, по донесената Стратегија за иновации 2012-2020 која е на национално ниво. Неопходен е стратешки пристап при идентификување на потребите за развој на иновациската дејност на регионите и на приоритетните сектори со цел поефикасно користење на ограничените ресурси.