Режисерот Александар Поповски, кој денеска јавно објави дека поднесува оставка од позицијата претседател на УО на МНТ, ги наведе причините за таквата одлука. Како што рече Поповски изминатата година било невозможно да се назначи уметнички раководител на МНТ поради нејасниот статус на работното место на претходниот уметнички директор Дејан Пројковски.
Според Поповски, Пројковски по поднесената оставка од местото Директор фигурирал во систематизацијата на установата и како режисер и како уметнички директор.
Платата која ја прима е за уметнички директор, а според решението кое не е одобрено од управниот одбор фигурира на местото режисер кое не постои.(Во овој момент МНТ има вработено пет режисери. Дејан Пројковски би бил шестиот). Сакам да потенцирам дека нашиот увид во овој проблем беше нецелосен и речиси невозможен заради низа нелегални постапки со повеќе служби во овој случај во самата институција – додаде тој.
Поповски посочи дека работата на новото раководство била отежната и поради нерасчистени ситуациии во однос на финансиските обврски на МНТ кон добавувачи на стоки и услуги и обврски за комуналии во период од 2015-2017 година. Како што рече тој, постои основ за сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150.000 евра.
По барање на УО и по независна ревизија на работата побарана од сегашниот в.д. директор Симона Ухриновска, утврдена е оваа сума од страна на правната служба на МНТ и од страна на независната ревизија. За оваа ситуација го известивме и Министерството за култура и службите на МВР. Ние не сме тие кои можат да направат проценка дали во овој случај има злоупотреба и затоа документите ги предадовме на надлежните институции – рече тој.
Поради проблеми и нелогичности со систематизацијата и вработувањата во МНТ, работата на театарот, додаде тој, била додатно парализирана.
Како што рече Поповски, тој смета дека неговата работа во Управниот Одбор е бесмислена доколку надлежните институции до кои се обратиле во неколку наврати не се произнесуваат и не реагираат на овие појави.
Доколку тие институции документирано се изјаснат дек е сосема во ред да не се постави директор, дека некој може да зема плата за место на кое не работи а работи на место кое не постои, дека долг од 150.000 евра не е долг, тогаш можеби јас нешто не разбирам, но сеедно и да не разбирам во тоа не сакам да учествувам. Затоа ја поднесувам својата оставка со надеж дека надлежните институции ќе се вознемират и ќе реагираат соодветно според законите на Република Македонија – порача тој.