Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дукоски“ во своето гостување во телевизија 24 истакна дека обвинителката Вилма Русковска и обвинителството попрво би дозволиле да се урне зградата на судот отколку да се вештачи телефонот на Бојан Јовановски попознат во јавноста по прекарот Боки 13.
„Не можам да ја разберам неверојатната упорност, настојчивост и одбивност од страна на обвинителството и судот да се вештачи телефонот на Бојан Јовановски. Јас тоа не можам да го разберам. Доколку јас имам чист предмет како што тврди обвинителката што е проблемот да имате повеќе докази. Ние тоа го побаравме трипати во истрага, во листата на докази и уште еднаш со дополнување на докази. Мислам дека обвинителството толку се спротивставуваше за изведување на тој доказ што пре ќе се сруши зградата на судот отколку да изврши вештачење на тој телефон“, рече Дукоски.
Адвокатот потенцираше дека во телефонот има разговори и докази кои ќе ја обелоденат вистината за овој кривично правен настан.
„Што има во телефонот можеме да зборуваме, откако ќе видиме. Во телефонот, како што тврди мојот клиент, има разговори и многу докази коишто ќе ја расчистат правата фактичката состојба во овој случај“, истакна Дукоски.