Во дебатата за рудникот „Тораница“, сведоци бевме на еден алармантен тренд кој станува сè почест: важни теми за економијата, животната средина и индустрискиот развој се претвораат во терен за политичко поентирање, популизам и сензационализам.
„Ова се непосакувани настани што не само што ја нарушуваат животната средина, туку фрлаат сенка врз целата индустрија,“ пишува Виктор Грозданов, рударски инженер во својата последна колумна во која се осврнува и на инцидентот во рудникот „Тораница“.
Наместо детална и професионална анализа – јавноста доби протести, хистерија и општи осуди. Да бидеме јасни: секој загадувач мора да сноси одговорност, смета Грозданов. Но, решението не е забрана на цела индустрија, туку воведување повисоки стандарди и строги контроли.
Популизмот не ја чисти реката. Технологијата, инспекцијата и експертизата ја чистат, истакнува Грозданов.
Со модерни технолошки решенија, рударството може да биде еколошки прифатливо. Во повеќе европски земји – Шведска, Финска, Ирска – рударството и природата коегзистираат. Прашањето е дали сакаме да бидеме дел од овој развоен модел, или ќе останеме заглавени во ретроградна реторика? За да се заштитат и граѓаните и природата, неопходни се: обврска за еколошки студии, засилен инспекциски надзор, мониторинг системи во реално време, директно вклучување на локалното население и стручната јавност.
Одговорноста постои. Но, таа треба да се гради системски, не на улица, туку во институции, лаборатории и со јасни правила.