Цените на акциите остро пораснаа на Волстрит во средата, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од малото попуштње инфлацијата во САД, а шпекулациите за намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка повторно се интензивираа.
Индексот Dow Jones порасна за 1,65 отсто на 43.221 поени, додека S&P 500 скокна за 1,83 отсто на 5.949 поени, а Nasdaq индексот порасна за 2,45 отсто на 19.511 поени.
Најголемиот дневен скок на овие индекси за повеќе од два месеца дојде откако беше објавено дека потрошувачките цени во САД во декември пораснале за 0,4 отсто на месечно ниво, додека во целата минатата година пораснале за 2,9 отсто. Тоа е за 0,1 процентен поен помала инфлација отколку што очекуваа аналитичарите.
Благодарение на ова, повторно се интензивираа шпекулациите за намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
„Неодамна имаше загриженост дека Fed може дури и да ги зголеми каматните стапки, но по овие податоци, како и податоците за цените на производителите, тие стравувања стивнаа. Не е дека бројките за цените се сјајни, но сигурно не се ниту лоши, па можеме да заклучиме дека инфлацијата се намалува“, објаснува Стивен Масока, потпретседател во „Wedbush Securities“.
Пазарот проценува дека Fed би можел да ги намали каматните стапки на состанокот во јуни. Дотогаш, велат аналитичарите, челниците на централната банка ќе го следат влијанието на политиката на Доналд Трамп, кој следната седмица ја презема Белата куќа, врз економијата и инфлацијата.
Позитивно влијание на пазарот вчера имаа и кварталните деловни резултати. Имено, сезоната на објавување финансиски извештаи на компаниите и банките започна, а првите извештаи се подобри од очекувањата.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 1,21 отсто, на 8.301 поен, додека франкфуртски DAX за 1,50 отсто, на 20.574 поени, а париски CAC за 0,69 отсто, на 7.474 поени.