Поповски доби девет години затвор за набавката на 300 возила за МВР

Поранешниот помошникот-министер во МВР за јавни набавки, Ѓоко Поповски обвинет во предметот „Триста“ е осуден на 9 години затвор, а мора да плати отштета на државата во висина од над 27 милиони денари, пресуди денеска Кривичниот суд во Скопје.

Иако Поповски на судењето дојде од дома, од судницата беше спроведен во затворот во Шутка, бидејќи судот го прифати барањето на СЈО да му биде одреден притвор поради можност од бегство. Тој ќе остане во притвор до правосилноста на пресудата.

Според Судот, тој мора да плати 453.570 евра во рок од 15 дена од објавување на пресудата.

Во образложението на пресудата, судијката Добрила Кацарска рече Поповски е виновен по сите делови на обвинението, што било докажано во постапката, но и дека биле земени во предвид доказите на одбраната при одмерување на висината на казната.

Поповски е обвинет дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, при што не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

За судот спорна била и одлуката на Комисијата за набавки за одредени лотови да бидат купени возила од повеќе понудувачи, што според одбраната на Поповски било законски, но за Кацарска тоа не било така, бидејќи истата требало да биде наведна во условите на конкурсот.

По изрекување на пресудата, обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи побара од судот на Поповски да му биде изречен притвор.

Имајќи ја во предвид висината на одмерената казна, како и висината на сумата која што треба да ја плати, но и фактот дека против него се води уште еден случај, сметаме дека обвинетиот може да избега па бараме тој да биде притворен, рече Фетаи.

Таа во тој контекс, без да ги именува, го посочи примерот на поранешните разузнувачи, Горан Грујовски и Никола Бошковски кои избегале од државава во Грција.
На предлогот се спротиставија двајцата бранители на Поповски, Стерјо Зиков и Сања Алексиќ, кои рекоа дека обинетиот нема намера да избега, и дека тој редовно и досега се појавувал во судот.

Не постои ниту еден основ за притвор и покрај превисоката казна. И досега, свесен за можната висока казна во овие квалификации на кривичните дела Поповски уредно се јавувал во судот и нема намреа да се дава во бегство. Тој е сеемеен човек со оформено семејство тука во Македојм, а треба да се има во предвид неговата сериозна здрвствена состојба, која е позната на судот. Судот не треба да го прифати предлогот бидејќи пресудата не е правосила, истата секако ќе ја обжалиме и во повторената судска постапка ќе го докажеме спротивното од тоа за што е сега обвинет и осуден, рече Зиков.

Ѓоко Поповски е обвинет и во случајот „Тенк“, за набавка на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.