Поради асфалтирање затворен за сообраќај патот Велес – Градско

Од денеска до 23-ти овој месец, во периодот од 08:00 до18:00 часот, поради асфалтирање ќе биде затворена за сообраќај делницата Велес – Градско, во населеното место Градско, информираат утрово од АМСМ.

Непрооден е и регионалниот пат од село Извор кон Прилеп, поточно село Степанци, Општина Чашка кон Прилеп, бидејќи има наноси од земја и кал поради дождот.

Од настанатите поплави на 14 јуни во Делчево и околината оштетени се темелите на мостот на Црвенска река на магистралниот пат А3 делница Македонска Каменица – Делчево. Сообраќајот на мостот се одвива наизменично, по една коловозна лента.

-Поради излевање на Крива река, во прекин ќе бидат локалните патишта од Крива Паланка кон село Варовиште и село Градец. Исто така во село Пчиња (Куманово) има собрани дрвја и гранки под мостот на реката Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот, информираат од АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.