Поради блокада на државната управа затворени Статуата на слободата и островот Елис

Статуата на слободата и музејот посветен на доселениците на островот Елис во Њујорк се затворени поради парализирање на американската државна управа која настапи во петокот во полноќ, откако демократите и републиканците во Сенатот не успеаја да постигнат договор за финансирањето на сојузната влада, поделени околу прашањата за имиграцијата и безбедноста на границите.

„Статуата на слободата и островот Елис веднаш, поради недостиг од средства, на неодредено време се затвораат“, објавено е на интернет страниците на овие познати знаменитости на Њујорк.

Во меѓувреме институцијата Смитсонијан објави дека сите нејзини музеи и Националната зоолошка градина во Вашингтон ќе бидат отворени во текот на викендот, но дека се чекаат натамошни упатства за понеделник.

Поради пропаѓање на преговорите за буџетот сите сојузни агенции и програми коишто не се од клучна важност престануваат да работат.

Сојузната влада на САД во моментов функционира врз основа на третата привремена финансиска мерка од почетокот на новата фискална година во октомври. Последната парализа на американските сојузни институции се случи во 2013 година, во мандатот на демократскиот претседател Барак Обама, и траеше 16 дена.

Трамп предупреди дека, доколку законот не добие одобрување во Сенатот, ќе се случи блокада на сојузната влада, поради што голем број сојузни агенции би можеле да бидат затворени.

Клучните служби ќе продолжат да работата, а тие ги вклучуваат националната безбедност, поштата, контролата на летањето, неопходните и итните лекарски служи, помошта во случаи на катастрофи, затворите, даночните служби и производството и дистрибуцијата на електричната енергија.