Поради бугарска делегација, „Комити“ спречени да положат цвеќе на гробот на Делчев?!

„Комити“ отворено прашуваат зошто некој би имал индиции или сомневање дека би имало инцидент со Бугарски политичари или делегација кои се поклонуваат на гробот на херој кој го посветил и на крајот положил животот за Македонија во нејзините природни историски и етнички граници?

Членови на навивачката група „Комити“, денеска биле спречени да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, по повод одбележувањето на 147 години од неговото раѓање.

Од полициското обезбедување добиле објаснување дека во црквата Свети Спас, каде што од 1946 година се наоѓа саркофагот со посмртните останки на Делчев, имало странски делегации и висока Бугарска делегација, а тие требало да почекаат „за да немало инциденти”.

Во продолжение ви ја пренесуваме целата објава на „Комити“, на нивната официјална фејсбук страница.

„Денес бевме во црквата Свети Спас да положиме цвеќе и да се поклониме на гробот на нашиот великан Гоце Делчев.
За разлика од сите изминати години денес бевме спречени пред влезот на црквата од бројно полициско обезбедување, со објаснување дека тука ќе престојуваат странски делегации и висока Бугарска делегација, ние треба да почекаме “за да немало инциденти”.
Ние не сме пропушиле ниту една година да изразиме почит на истото место во исто време како на овој ден така и на 4 Мај, и досега никогаш не се случил ниту еден проблем ниту опструкција. Доаѓале и предходно странски делегации, амбасадори, политичари како и почитувачи на ликот и делото на Гоце Делчев, и секогаш со респект и воодушевување сме гледале кон сите нив бидејќи изразуваат почит кон револуционер, идеен деец и великан кој животот го дал за својата земја Македонија!
Прашуваме отворено зошто некој би имал индиции или сомневање дека оваа година би било поинаку, и зошто би имало инцидент со Бугарски политичари или делегација кои се поклонуваат на гробот на херој кој го посветил и на крајот положил животот за Македонија во нејзините природни историски и етнички граници?
Воедно бидејќи од сега па натаму ние граѓаните од втор ред треба да најавуваме специјално доколку сакаме да го посетиме гробот на нашиот Војвода Гоце Делчев, уште од сега уредно најавуваме делегација од 500 Комити за 4 Мај.
За крај, со цел да нема “инциденти” денес граѓаните од втор ред, беа приморани да си одберат 5 луѓе први да го положат цвеќето, и за 3 минути да ја напуштат црквата…
Слава ти хероју Македонски !!!“, се вели во статусот на навивачката група.