Учениците во пет средни училишта во Скопје се евакуирани, откако добиле заканувачки пораки на електронска пошта. Во училиштата се пристигнати екипи на МВР со кучиња трагачи, а децата се изнесени надвор и се ослободени од настава, дознаваме од извори во училиштата.
Случајот го потврди и МВР.
„Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на меил адреси на пет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот – информира МВР.
Дознаваме дека на учениците, за да не паничат, првично им било речено дека училиштето мора да се дезинфицира со хемикалии, па наставата мора да биде прекината.
Неофицијално дознаваме дека истата електронска порака е пратена во средните училишта „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“,„ Раде Јовчевски-Корчагин“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.