![apteka koronavirus](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/apteka-koronavirus.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Француските власти објавија во понеделникот дека ќе го плаќаат хотелското сместување за жртвите на семејното насилство и ќе отвори привремени центри за советување, откако е забележан голем пораст на насилството во првата седмицата од прогласувањето на карантинот поради епидемијата на коронавирусот во земјата.
Министерката за родова еднаквост, Марлен Шиапа, најави дека ќе бидат отворени дваесеттина центри во продавниците, за да можат жените да навратат и да се советуваат додека купуваат намирници. Владата, исто така, најави милион евра за здруженијата коишто им помагаат на жртвите.
Министерката, којашто претходно предупреди дека карантинот е „плодна почва за насилството“, најави дека државата ќе плати 20.000 ноќевања во хотел, за жртвите да може да се засолната од насилните партнери.
Податоците од минатата седмица говорат дека на полицијата ѝ се пријавени 36 отсто повеќе случаи на семејно насилство во главниот град Париз и 32 отсто повеќе во другите делови од земајта, откако во Франција се воведени строгите ограничувања за движењето на граѓаните. Пријавени се и две убиства во споменатиот период.
Франција карантинот го прогласи на 17-ти март и оваа мерка ќе остане на сила до 15-ти април. Никој не може да излегува од домот, освен поради купување храна и лекови, за посета на лекар или за шетање домашен миленик.
Активистите предупредуваат дека карантинот ќе предизвика натамошен раст на семејното насилство, и дека ќе им отежнува на жртвите да побараат помош.