Поради изборите, државата Вашингтон ја става Националната гарда во готовност

Гувернерот на амеиканскаа сојузна држава Вашингтон активираше и стави дел од Националната гарда во состојба на готовност во случај на потенцијални изборни немири.

„Ова е исклучиво мерка на претпазливост“, се вели во соопштението од петокот од канцеларијата на гувернерот Џеј Роберт Инсли.

На почетокот од седмицаа во Ванкувер, место во сојузната држава Вашингтон, беше запалена гласачка кутија со гласачки ливчиња од предвремените гласачи, при што беа уништени стотици гласачки ливчиња. Сличен инцидент се случи во исто време во блискиот Портланд, во сојузната држава Орегон.

Кабинетот на Инсли објави дека гувернерот, кој инаку доаѓа од Демократската партија на кандидатката Камала Харис, со тоа одговорил на тие инциденти, како и на предупредувањата од американското Министерство за домашна безбедност во врска со заканите за изборната инфраструктура.

Во САД, Националната гарда е државна воена организација организирана по поединечните сојузни држави и поднесува извештаи и до гувернерите и до претседателот, а нејзините членови често се распоредуваат во случај на природни катастрофи и други итни случаи. Ја сочинуваат копнени војски и воздухопловство.

Во државата Вашингтон, гардата ќе биде во готовност четири дена, почнувајќи од понеделник, а ќе ги заврши своите должности по полноќ во четврток. Денот на изборите е вторник, но веќе има десетици милиони предвремени гласања.