Поради Израел, Бајден би можел да ги загуби гласовите на американските муслимани и Арапи

Американците од арапско и муслиманско потекло ја критикуваат реакцијата на претседателот Џо Бајден на војната меѓу Израел и палестинското радикално исламистичко движење Хамас, барајќи од него да стори повеќе за да ја спречи хуманитарната криза во Газа или во спротивно би можел да ја загуби нивната поддршка на претседателските избори во ноември 2024 година.

Многу Американци од арапско потекло го обвинуваат Бајден дека не сторил доволно за хуманитарниот прекин на огнот и покрај тоа што Палестинците страдаат бегајќи од израелските бомбардирања на Појасот Газа иако Израел ги повика да се упатат од северот кон југот на енклавата, велат повеќе од десет професори, активисти, членови на заедницата и административни службеници.

Растечката фрустрација би можела да влијае врз реизборот на Бајден во трката во којашто најверојатен ривал повторно ќе му биде поранешниот републикански претседател Доналд Трамп.

Во ткн „колеблива“ сојузна држава Мичиген, којашто понекогаш гласа за демократите а понекогаш за републиканците, арапските Американци сочинуваат 5 отсто од гласачкото тело. Во сојузните држави како Пенсилванија и Охајо, коишто исто така подеднакво им се наклонети на двете партии, арапската поддршка се движи од 1,7 до 2 отсто, вели Џим Зогби, претседател на Арапскиот американски институт, пишува Reuters.

Бајден на изборите во 2020 година во Мичиген освои 50,6 отсто од гласовите, додека Трамп во оваа сојузна држава доби 47,9 отсто од гласовите, Пенсилванија гласаше за Бајден со 50,01 отсто, а за Трамп со 48,84 отсто од гласовите, со разлика помала од 81.000 гласови.

Малку е веројатно дека арапските и муслиманските Американци би го поддржале Трамп, меѓутоа би можеле да апстинираат на изборите и да не гласаат ниту за Бајден, велат некои активисти.

„Мислам дека тоа ќе го чини Мичиген“, вели Лејла Ел Хадада, писателка и активистка од Газа којашто живее во сојузната држава Мериленд.

Абдула Хамуд, првиот арапски градоначалник на Дирборн, во државата Мичиген, каде живее најголемата американска муслиманска заедница според бројот на жителите, го критикува Бајден затоа што не го осуди потегот на Израел кој покрај целосната блокада на Газа, по нападот од Хамас од 7-ми октомври го запре и снабдувањето со струја, вода, храна, лекови и гориво за болничките генератори, во енклавата каде живеат околу 2,4 милиони Палестинци.

„Ништо не можеше да нѐ подготви на целосно бришење на нашите гласови и потполна тишина на оние кои сме ги избрале да нѐ штитат и претставуваат. Членовите на нашите семејства заробени во Газа се изигнорирани, нашите повици на прекин на огнот се задушени од воените тапани“, напиша Хамуд на мрежата Х.

Израелското бомбардирање на Газа „сега се граничи со геноцид кој ја цели целата палестинска популација“, објави CAIR, најголемата муслиманска групација за заштита на човековите права во САД, додавајќи дека владините функционери ќе бидат „соодговорни во етничкото чистење на Газа“ доколку не интервенираат.

„Доколку ја согледате таа реторика, неверојатно е што сега се обидуваат да инјектираат милијарди и милијарди долари во воената помош за Израел, со 100 милиони долари хуманитарна помош за Палестинците“, вели Са’ед Атшан, палестинско-американски квекер кој подучува на мировни студии на Универзитетот Свартмор во Пенсилванија.

Дури и поранешниот штеф на Бајден, претседателот Барак Обама, вообичаено страсен заговорник на бајденовите политики, во понеделникот јавно изнесе остри совети, повикувајќи ги САД „да продолжат да го водат светот во забрзувањето на критичната помош и резерви за сѐ поочајната популација на Газа“.