Поради „метална честичка“ во вакцините повлечени се 1,6 милиони дози во Јапонија

Непознатиот надворешен елемент, пронајден во серијата вакцини против Ковид-19 на компанијата „Модерна“, што беа повлечени од употреба во Јапонија, најверојатно е метална честичка, објави јапонската телевизија НХК, повикувајќи се на извори од јапонското Министерство за здравство.

Извори од Министерството наведуваат дека честичката реагирала на магнетите и дека поради тоа постои сомневање дека станува збор за метал.

Шпанската фармацевтска компанија „Рови“, која ги пакувала вакцините „Модерна“ во шишиња за пазарите надвор од САД, соопшти дека контаминацијата може да биде последица на проблем со производствената линија и дека спроведува истрага.

Јапонското министерство соопшти дека употребата на серијата од овие вакцини е суспендирана како мерка на претпазливост, што доведе неколку јапонски компании да ја откажат вакцинацијата на работниците, а европскиот регулатор за лекови да отвори истрага за случајот.