Поради минирање кратко ќе биде во прекин сообраќајот на патот Кратово – Ранковце

Поради изведување работи на терен за рехабилитација на железничкиот Коридор 8, за денес е најавено минирање во близина на регионалниот пат кој ги поврзува општините Ранковце и Кратово т.е. А2 со Р1205, поради што во краток период сообраќајот на овој патен правец ќе биде во прекин, информираат од фирмата изведувач „Гулермак”, подружница Скопје со Мактек ДООЕЛ.

Оттаму посочуваат дека подготовките за минирање ќе почнат во 13 часот, а самото минирање ќе заврши најдоцна до 16 часот.

-Комплетното блокирање на сообраќајот од страна на Кратово кон Ранковце ќе трае кратко, но точното време ќе зависи од организацијата и од временските услови. Им препорачуваме на локалните жители и транспортните возила на локалните компании да го заобиколуваат овој пат во текот на наведениот термин, се наведува во соопштението од „Гулермак”.

Работите на терен се извршуваат како дел од  реализацијата на проектот „Изведба и завршување на преостанатите работи на втората делница, Бељаковце – Крива Паланка” во рамки на проектот за Рехабилитација на железничкиот Коридор 8.

Инаку, останатиот регионален пат што ги поврзува општините Ранковце и Кратово,  Р29281 е привремено блокиран од локалните власти поради штета на мостот на Крива Река. Препораката важи само за оние жители кои имаат куќи и викендици и пристап од страна на Кратово.

Објектот во кој ќе се врши минирање е од затворен тип т.е. тунел и се наоѓа во непосредна близина на работничкиот камп пред оштетениот мост кој е забранет за движење.