Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар информираат дека поради временските неприлики и најавите за дождливо време, мултимедијалниот спекатакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ се презакажува за понеделник 23 јуни со почеток во 21 часот во Градски парк.
„Дождливото време и влагата претставуваат проблем за инструментите, поради што сме принудени да почекаме да се подобри временската прогноза за да може оркестарот непречено да ја изведе предвидената програма. Исто така сакаме што е можно повеќе граѓани да уживаат во настанот, а доброто време е предуслов за добра посетеност,“ изјави директорката на македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ.
Мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ се одржува по седми пат и оваа година Македонската филхармонија под диригнетската палка на Мартин Пантелеев ќе изведе програма насловена „Со танц низ светот“.
Како и секоја година, покрај концертот на огромни платна покрај сцената својата инспирација од музика ќе ја пренесат ликовните уметници Менсур Бојда и Владимир Симеoнов.
Граѓаните ќе добијат примерок од книгата „Вита Бревис, писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин,“ од норвешкиот писател Јостен Гордер.