Европската агенција за лекови (ЕМА) одобри во петокот дека од шишенце со вакцината против коронавирусот која ја произведува американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“ може да се извлече и шеста доза, што ќе овозможи вакцинирање на поголем број луѓе бидејќи недостигаат вакцини.
Државите членки на Европската унија започнаа да ги вакцинираат своите граѓани со оваа вакцина пред две седмици, откако таа доби одобрување од ЕМА. Агенцијата првично одобри дека може да се користат пет дози по шишенце со вакцината.
„Комисијата за лекови за хумана употреба (CHMP) при ЕМА препорача да се ажурираат информациите за производот Comirnaty за да се појасни дека секое шишенце содржи шест дози од вакцината“, обајви Европската агенција за лекови, пренесува Reuters.
Имено, вакцината во Европската унија се продава под називот „Comirnaty“.
Конечното одобрување мора да го даде Европската комисија, којашто вообичаено ги следи препораките од ЕМА. Со тоа би се овозможило ЕУ да добие 20 отсто повеќе дози од вакцината според постојниот договор со „Pfizer“, оцени европскиот пратеник Петер Лизе.
Од ЕМА притоа истакнуваат дека не е дозволено комбинирање на повеќе шишенца за да се добие шестата доза.
Европската комисија претходно во петокот им предложи на државите членки на ЕУ купување на дополнителни 200 милиони дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“ со можност за набавка на дополнителни 100 милиони дози, со што се удвојува бројот дози порачани од овие две компании. Испораката на овие дополнителни 300 милиони дози би можела да започне во вториот квартал од годинава.
Истовремено во петокот ЕМА, исто така, објави дека кон крајот на јануари би можела да донесе одлука за одобрување на вакцината против коронавирусот, којашто ја произведува англо-шведската компанија „AstraZeneca“ и Универзитетот Оксфорд, пренесува AFP.
„Откако доби повеќе податоци од компанијата, ЕМА очекува дека ‘AstraZeneca’ следната седмица ќе поднесе барање за условно пуштање на вакцината на пазарот, со можна одлука до крајот на јануари“, објави споменатата агенција на ЕУ чие седиште е во Амстердам