Свињарскиот сектор повторно е на удар од африканската свинска чума, рече на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Во фарма Овчеполка Агриа во село Таринци, Општина Карбинци кај 10.000 грла е регистрирана африканска свинска чума и истите мора веднаш да бидат уништени, а под сериозна здравствена закана е целокупната популација на свињи во Република Македонија, односно над 150.000 свињи колку што во моментот изнесува бројната состојба. Штетите кои ги предизвика африканската чума во фармата Агриа се речиси над 2,5 милиони евра. Неспособноста и некадарноста на министерот Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски испливаа на површина. Изминатите години сериозно алармирав дека надлежните институции како МЗШВ и АХВ, не ја сфаќаат сериозно ситуацијата со африканската чума и мерките кои ги носеа или беа задоцнети или не го постигаа ефектот. Предлагавме низа на решенија и мерки, но Николовски и Бабовски беа без слух, и затоа денеска ситуацијата со африканската чума е пресериозна. Најбрзорастечката сточарска индустрија во ресорот земјоделие, свињарството, е под закана целосно да згасне, а со тоа да останеме без единствената свежа домашна суровина – свинско месо. И сето ова почитувани е поради непрофесионалноста и немањето на капаците на Николовски и Бабовски да ги решат проблемите. Бараме итна реакција од институциите. А до фармите ширум државата апелираме на подигање на биосигурносните мерки на највисоко можно ниво како единствен ефикасен начин на превенција од болеста, бидејќи очигледно е дека владата, МЗШВ и АХВ се неспособни да се справат со болеста, истакна Трипуновски.
Политиките на власта во земјоделството и сточарството носат пустош и безнадежност. Но, доаѓа време на промени и одговорност! Додаде Трипуновски.