Поради повредата на Филип Лазаров, Велко Маркоски ќе ја засили одбраната против Германија

Селекторот на ракометната селекција на Македонија, Раул Гонзалес, ја направи и првата измена во составот кој настапува на Европското првенство во Хрватска, откако Филип Лазаров се пожали на помала повреда, па за средбата со Германија во средата ќе биде најавени Велко Маркоски.

Настапот на Маркоски ќе значи дека ова за него ќе биде петто европско првенство и ќе има можност да го одигра 20-от натпревар на европските шампионати.

Филип Лазаров има ситна повреда на мускулот на ногата, а селекторот најверојатно не сака да ризикува, па во составот го вбројува Велко Маркоски, чијашто спицијалност е играта во одбраната.

Лазаров на првите два дуела постигна голови во многу важни моменти и имаше пет голови од пет обиди.

Македонската ракометна репрезентација го игра последниот натпревар од Групата Ц во Загреб против Германија во терминот од 18,30 часот, на којшто ќе се обиде да го одбрани првото место на коешто е по првите две кола со максималните четири бодови по победите над Словенија и Црна Гора. Германија има бод помалку на втората позиција на табелата во групата, па така за македонската репрезентација ќе биде доволно и реми да го зачува првото место, но во случај на победа во вториот круг ќе пренесе четири бода, што е многу значајно во борбата за полуфиналето.